Назад

Национален форум „Млади за интегритет – Од гласот на младите до институционални промени“ 11/2/26

На 28 октомври 2026 година, во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје, се одржа Националниот форум „Млади за интегритет – Од гласот на младите до институционални промени“, во организација на Аналитика – Скопје, во рамките на проектот „Млади за интегритет“, поддржан од германското Министерство за надворешни работи преку програмата ifa/zivik.

На форумот присуствуваа министерката за образование и наука Весна Јаневска, германската амбасадорка Петра Дрекслер, претставници на државни институции, универзитетски професори, наставници и ученици од различни градови а воедно и представници од нашето училиште наставникот по Граѓанско Образование и Историја Даниел Божиновски и училишниот Психолог Ивана Велевска

Настанот беше посветен на улогата на младите во спречувањето на корупцијата, промовирањето на интегритетот и создавањето поправеден и потранспарентен образовен систем.

Особено впечатлив дел од програмата беше интерактивниот форум-театар „Кога молчењето станува правило“, во кој учениците преку три драмски ситуации ги претставија предизвиците поврзани со неправдата, фаворизирањето, нееднаквите можности и стравот од пријавување неправилности во училиштата. Преку својата изведба, младите испратија силни пораки за чесност, правичност и храброст да се реагира.

Во рамките на форумот се одржаа и две панел-дискусии, на кои претставници на институциите, академската заедница, наставниците и младите разговараа за институционалната одговорност, образованието за интегритет и потребата младинските иницијативи да прераснат во конкретни системски промени.

Како еден од значајните резултати на проектот беше претставен и едукативниот прирачник „Училиште со интегритет“, наменет за наставници и ученици, кој нуди практични насоки и активности за препознавање на корупцијата, развивање критичко размислување и поттикнување одговорно и етичко однесување во училиштата.

Форумот ја потврди важноста на соработката меѓу младите, наставниците, институциите и граѓанскиот сектор во градењето образовна средина во која се вреднуваат знаењето, трудот, чесноста и еднаквите можности.