Одбележувањето на 28 февруари - Меѓународниот ден на лицата со ретки болести. 2/28/26
На ден 27.2.2026 год. во нашето училиште се реализираше едукативно-креативна работилница со учениците од V-Б одделение по повод одбележувањето на 28 февруари - Меѓународниот ден на лицата со ретки болести.
Целта на работилницата беше подигнување на свеста кај учениците за постоењето на ретките болести, развивање на емпатија, солидарност и прифаќање на различностите.
Изразуваме голема благодарност до нашата родителка и претседателката на Здружението на граѓани со ретки болести „Живот со предизвици“ Весна Алексовска, која што одвои време и несебично го сподели личното искуство со нејзината ретка болест. На учениците им зборуваше за значењето на овој ден, за предизвиците со кои се соочуваат лицата со ретки болести и за важноста од поддршката и разбирањето од заедницата. Учениците со големо внимание следеа и активно се вклучија во разговорот со прашања и размислувања. Инспиративниот говор на Весна нè поттикна да не се откажуваме пред предизвиците, да веруваме во себе и истрајно да се бориме сè до остварување на нашите цели.
Во креативниот дел од работилницата, учениците на хамер боеја зебра – симболот на ретките болести, под мотото „Остави свој белег“. Активноста се реализираше во соработка со образовниот асистент Лилјана Кромова, која им даде поддршка и насоки во текот на изработката. Преку боите и пораките, учениците испратија силна порака за прифаќање, поддршка и еднаквост.
Свој белег на заедничката зебра оставија и директорот на училиштето, како и претставници од стручната служба, со што симболично се приклучија кон иницијативата за поддршка на лицата со ретки болести.
Работилницата помина во позитивна, инспиративна и емотивна атмосфера, а учениците покажаа зрелост, сочувство и подготвеност да бидат дел од општество кое ги почитува различностите. Со оваа активност, училиштето уште еднаш ја потврди својата заложба за инклузивност, хуманост и активно градење на свесна и солидарна училишна заедница.
